Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука (МОН) со системски пристап одговара на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција во образованието, нагласувајќи дека таа веќе станува дел од секојдневието во училиштата.
На панел-дискусијата во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, посветена на улогата на вештачката интелигенција во наставниот процес, Јаневска порача дека клучното прашање денес не е дали технологијата ќе влијае врз образованието, туку како ќе се насочува тој процес.
Таа нагласи дека МОН континуирано ги следи современите трендови и спроведува анализи и мерки за прилагодување на образовниот систем, со посебен акцент на обуките за наставниот кадар, со цел нивна подготовка за новите дигитални алатки.
На настанот, на кој учествуваа професори, наставници и претставници од технолошкиот сектор, беше истакнато дека вештачката интелигенција веќе го менува пристапот на учениците кон знаењето, но дека паралелно се наметнува потребата од развивање на критичко размислување и правилна употреба на технологијата.
Наставниците посочија дека учениците сè почесто користат дигитални алатки, што ја прави наставата поинтерактивна, но и бара постојано прилагодување на методите на работа.
Посебен момент на дискусијата беше учеството на 11-годишниот ученик Македон Димитровски, кој беше посочен како пример за детски потенцијал и интерес за знаење во дигиталната ера.
Со оваа панел-дискусија завршува серијата на настани во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е подигнување на свеста за важноста на образованието и улогата на наставниците во современото општество.