Муамер Сефери од Коалицијата ВЛЕН, кадар на Движењето БЕСА, е новиот вршител на должноста директор на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Тој официјално ја презеде функцијата и најави дека ќе ја извршува со силно чувство на одговорност.
Во објавата на социјалните мрежи, Сефери истакна дека новата позиција ја доживува како доверба, но и како сериозна задача за работа во интерес на граѓаните. Најави дека негов приоритет ќе бидат транспарентното управување и професионалното функционирање на претпријатието.
Посебна благодарност упати до раководството на Движењето БЕСА и лидерите на коалицијата ВЛЕН за поддршката и укажаната доверба.
„Верувам дека преку одговорно менаџирање и соработка меѓу институциите ќе постигнеме видливи резултати во уредувањето на зелените површини и јавните простори“, порача Сефери.
Новото раководство најавува дека фокусот ќе биде насочен кон подобрување на услугите, одржување и развој на зеленилото и поефикасна организација на работните процеси.