Властите на Сардинија преку посебни програми им нудат финансиска поддршка на луѓето за преселување во помирни села на островот, со цел оживување на руралните средини кои со години се соочуваат со намалување на бројот на жители.
Помладите генерации често заминуваат во поголеми градови поради работа, додека во помалите места останува сè постаро население, па локалните власти настојуваат да го поттикнат доаѓањето на нови жители.
Според пишувањето на Мирор, преселувањето на Сардинија на многумина им се претставува како можност за живот во попријатна средина, покрај море и со поблага клима, а на социјалните мрежи оваа можност се опишува како многу привлечна.
Програмата е наменета за сите кои се подготвени да пријават живеалиште во мало место на Сардинија со помалку од 3000 жители. Локалните власти нудат неповратна поддршка до 15.000 евра по домаќинство за купување или обновување на недвижност. Износот не може да надмине 50 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.
Подносителите на барањето мора да се обврзат дека ќе се вселат во рок од 18 месеци од купувањето на недвижноста или завршувањето на обновата, со цел да се обезбеди трајно населување, а не само повремен престој.
Покрај почетната поддршка, предвидени се и дополнителни поттикнувања за оние кои планираат долгорочен живот на островот и формирање семејство. Паровите може да добиваат околу 600 евра месечно за прво дете и 400 евра за второ дете, сè додека децата не наполнат пет години.
Регионалните власти истакнуваат дека станува збор за дел од поширока стратегија насочена кон обновување на заедниците погодени од иселување и зајакнување на локалната економија. Целта е да се поттикнат луѓето да останат да живеат во помалите средини или да се доселат, за тие повторно да станат привлечни за живот и семеен развој.
За спроведување на програмата обезбеден е буџет од 45 милиони евра, што покажува дека властите ја гледаат оваа мерка како долгорочен обид за намалување на иселувањето од руралните краишта.
Поддршката важи само за недвижности во мали општини, а право на аплицирање немаат оние кои веќе живеат во слични места на Сардинија.
И покрај тоа, финансиската помош, побавниот начин на живот и пријатната клима го направија овој програм многу привлечен за многу луѓе, па на интернет предизвика голем интерес.