Полуматурантите имаат рок до вечерва на полноќ да се пријават за упис во прва година средно образование, со што завршува првиот дел од јунскиот уписен рок за учебната 2026/2027 година.
Пријавувањето се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, со посебна најава преку корисничките профили на учениците на платформата schools.mk. По електронската апликација, кандидатите се должни потребната документација да ја достават во училиштата во кои конкурираат.
Во рамки на јунскиот уписен рок се предвидени две електронски пријавувања. Првото започна на 12 јуни и завршува денеска, додека второто ќе се реализира на 23 јуни.
За оние што нема да се запишат во јуни, ќе биде организиран и августовски уписен рок, со едно електронско пријавување закажано за 20 август.
Според конкурсот објавен од надлежните институции, во 109-те јавни средни училишта во државата се достапни повеќе од 25.000 слободни места. Од нив, над 17.000 се наменети за стручно образование, речиси 6.000 за гимназиско образование, додека 570 места се предвидени за уметничките училишта.
Од Министерството апелираат учениците и нивните родители навреме да ја завршат постапката за пријавување и доставување на потребната документација, со цел непречено одвивање на уписниот процес.