Фемицидот и потребата од поефикасна превенција на родово базираното насилство беа во фокусот на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која денеска започна во Собранието.
На настанот беше истакнато дека годишно повеќе од 50 илјади жени и девојчиња во светот се убиени од интимен партнер или член на семејството. Учесниците порачаа дека ваквите случаи не треба да се третираат како изолирани трагедии или приватни семејни прашања, туку како последица на подолготрајно родово базирано насилство.
Податоците презентирани на конференцијата покажуваат дека во 2024 година биле убиени околу 83 илјади жени и девојчиња во светот. Од нив, приближно 50 илјади биле жртви на интимен партнер или член на семејството, што значи дека во просек секој ден биле убивани по 137 жени и девојчиња.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, посочи дека во земјите од регионот е направен напредок во законската регулатива, но дека сè уште постојат проблеми поради различните дефиниции, недоволно усогласените податоци и нееднаквата примена на законите.
Според Бендевска, клучно за превенцијата е институциите навреме да ги препознаваат знаците на ризик и да реагираат координирано.
На конференцијата беше посочено и дека Македонија во последните години го зајакнала законскиот пристап кон родово базираното насилство, вклучително и со измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година.