Над девет милијарди денари се исплатени за затезни камати од државните институции за само девет години. Речиси и да не постои таква, која во периодот од 2010 до 2019 година, не била тужена или од која извршител не наплаќал долг кој со камати достигнувал сума од неколку илјади евра. Па така, наместо државата да го плати само долгот, нејзините претставници од разноразни причини не го правеле тоа, па покрај главнината, биле задолжени да од буџетот да исплатат и камата. Најголемите камати се плаќани од министерствата, без разлика која власт раководела со неа. Не изостануваат ниту општините, а некои од нив и со години имаат блокирани сметки поради неплатени долгови и затезни камати.
Државата во неколку наврати отпишуваше камати на одредени категории граѓани. Но, не успеа да ги „отпише“ своите. Туку тие се таложат и од илјадници стануваат милиони. Овде важи принципот – што побрзо платиш, толку помалку ќе потрошиш. Според базите на податоци, како што минуваат годините, така од буџетската ставка „плаќања под судски решенија“ од која се исплаќаат долгови и камати, се излеваат се повеќе пари. Ако во 2010 година, државата плаќала над 458 милиони денари, во 2019 година плаќала од прилика, четири пати повеќе или 2 милијарди денари. Гледано по години, токму 2018 и 2019 се рекордни исплаќањата за камати кои на грб ги имала државата. Ништо поразлично не е ниту со исплаќањата на камати преку извршители. Од 197 милиони денари во 2010 година, девет години подоцна, се плаќале 300 милиони денари.
[caption id="attachment_165449" align="alignnone" width="1876"]
Државниот долг, на кој по рокот за плаќање се пресметува и камата[/caption]
Ако се има во предвид дека надлежни за гонење неправилно трошење државни пари се обвинителите, ги прашавме, колку случаи досега се водени а се однесуваат на предизвикување на штета врз буџетот на Македонија поради затезни камати. Но тие, немаат ваква евиденција.
„За да се направи статистика на предмети кои би ја содржеле таа специфична околност, потребно е да се направи директен увид во секој предмет поединечно. Од тие причини, не сме во можност да Ви обезбедиме таков статистички преглед“, велат од Обвинителството.
Поради ова, прашавме, дали се кривично се одговара за плаќање затезна камата и дали со истото се нанесува штета на буџетот. На ова, Јавното обвинителство одговори: ,,Плаќањето на законски затезни камати не е кривично дело и истото се врши врз основа на донесени правосилни судски пресуди“.
Дури и правосудните органи, односно Обвинителствата, ама и судовите, плаќаат затезни камати, па така, тоа не може да се смета за штета.
„Како и повеќе правни лица, така и јавните обвинителства, во текот на своето работење се соочувале со одредени ситуации во кои наплатата на долгот се вршела по судски пат, па притоа биле досудени и законски казнени камати. При, наплатата, од Буџетот на институцијата се симнува целата досудена сума, во која е вклучен основниот долг, каматите и други трошоци предвидени во пресудата“, објаснија од Обвинителството.
Македонија има вкупен јавен долг кој изнесува 60,9% од БДП. Долгот на јавни претпријатија и трговски друштва во доминантна сопственост на државата или општините изнесува 9,0 проценти од БДП. Државниот долг, 51,9 проценти, а најголем дел од него е кај централната власт. Бидејќи тој не се исплаќа на време, државата и во 2021 година, плаќа камати.