Град Скопје ја стартува новогодишната манифестација „Украсуваме по скопски“, со која граѓаните се повикуваат да се пријават и да учествуваат во изборот на најубаво украсен двор, тераса и најдобар средношколски расказ. Пријавувањето трае до 23 декември, а жири-комисија од медиумски претставници ќе ги оценува учесниците. Наградите ќе бидат доделени на крајот од месецот.
„УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ!“
Почитувани,
Новогодишните и божиќните празници се најубавиот дел од годината, време кога градот блеска, а домовите стануваат места исполнети со топлина, радост и празнична магија.
Токму во тој дух ја организираме манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“, со која ги мотивираме и поттикнуваме скопјани да ги украсат своите домови и да придонесат кон создавањето празнична атмосфера низ целиот наш град.
Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да учествуваат и да се натпреваруваат за најкреативно и највпечатливо новогодишно украсување, може да се пријават на телефонскиот број 3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот, во периодот до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените домови или дворови, заедно со податоците за сопственикот, контакт-телефон и адреса, може да се испраќаат и на e-адресата kabinet.nastani@skopje.gov.mk или по пошта, на адреса: бул. Илинден бр. 82, со назнака за манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“.
Град Скопје и годинава ќе ги избере најдобрите во следните категории:
– Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа
– Најубаво новогодишно украсена тераса од стан
– Најубави раскази од средношколците на тема новогодишни желби и празнувањаПријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите, кои ќе ги оценуваат и писмените творби на средношколците.
Град Скопје ќе обезбеди соодветни награди за најуспешните учесници во сите категории, а доделувањето на наградите ќе се одржи на крајот од декември 2025 година.
Да го украсиме Скопје, секој дом, секоја тераса, секое срце. Да ја донесеме празничната магија во секој дом!, објави скопскиот градоначалник