Извршниот директор на Најк, Елиот Хил, претстави нова стратегија за закрепнување на овој култен спортски бренд, нагласувајќи дека враќањето кон корените и фокусот на спортските перформанси се клучот за иднината на компанијата.
За време на годишната прослава на брендот, Хил истакна дека Најк во последните години бил премногу посветен на модата и животниот стил, додека историските податоци покажуваат дека компанијата бележи најголем раст кога е цврсто втемелена во сферата на спортските иновации.
Хил, кој ја презеде функцијата во 2024 година, се осврна и на проблематичните деловни потези од минатото, нагласувајќи дека преголемиот број онлајн промоции и попусти негативно влијаеле врз профитабилноста на малопродажната мрежа.
Акциите на Најк од почетокот на годинава паднаа за 30 отсто, додека индексот С&П 500 во истиот период порасна за 11 отсто. Сепак, Хил порача дека компанијата не размислува краткорочно.
„Не ја водиме компанијата за еден или два квартали, туку поставуваме темели за стабилен раст во следните две децении“, изјави тој.
Компанијата планира големи партнерства во светот на спортот, вклучувајќи долгорочен договор со НБА-лигата и спонзорство на дури 12 репрезентации што ќе настапат на претстојното Светско првенство во фудбал, меѓу кои се САД, Франција и Бразил.
Најк веќе ја започна и новата рекламна кампања со фудбалерот Кристијано Роналдо, раперот Тревис Скот и актерот и комичар Џејсон Судеикис, со цел дополнително да го зголеми интересот и атмосферата во пресрет на Светското првенство.