Општина Центар соопшти дека инспекциските служби, во координација со Министерството за внатрешни работи, Државниот градежен инспекторат и стручните служби од Секторот за урбанизам, постапувале по инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде било евидентирано свлечиште и оштетување на јавна инфраструктура.
При увидот биле констатирани оштетувања на коловозот, тротоарите, канализациската мрежа и уличното осветлување, како и низа неправилности во изведбата на објектот.
Од Општината информираат дека веднаш биле изречени најстроги законски казни и санкции согласно Законот за комунални дејности, поради непочитување на законските обврски и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.
Паралелно, екипи на Општина Центар поставиле сигурносни појаси и предупредувачки ленти за обезбедување на просторот и безбедно движење на граѓаните.
Во текот на денот на терен бил повикан и државен градежен инспектор, кој заедно со општинските служби констатирал дополнителни неправилности поврзани со градежните активности.
Општината соопшти дека контактирала и професори од Градежниот факултет, од кои е побарана стручна експертиза за состојбата и можните ризици.
За случајот било испратено и официјално известување до Основното јавно обвинителство Скопје.
Дополнително, од страна на градежниот инспектор ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе бара утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека нема да има толеранција за несовесно постапување од страна на инвеститорите кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор.
Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за санација врз основа на експертизата од Градежниот факултет и да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.
(Видео) Свлечиште кај ново градилиште во Скопје: Пукнат асфалт, оштетени кабли и инсталации
Иницијативата „Во одбрана на Буњаковец“ објави фотографии и предупреди за свлечиште на спојот меѓу улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“, кај поранешен „Иво Лола Рибар“ во Скопје.Според објавата, дошло до колапс на земјиштето под асфалтот во близина на ново градилиште, за кое тврдат дека работело и за време на државниот празник.„Оштетена е целата инфраструктура – кабли за струја, телекомуникации… Дали се загрозени и коловозите и тротоарите на булеварот и улицата – проценете сами“, напишаа од иницијативата.Од таму алармираат дека состојбата може да претставува ризик и за околната инфраструктура, додека засега нема официјална реакција од надлежните институции за причините и евентуалната опасност од дополнителни оштетувања.
Скопје | пред 1 ден