Утрово најниска температура во земјава е измерена на Попова Шапка, каде живата во термометарот се спушти до минус еден степен Целзиусов. Ниски температури се регистрирани и во Битола со нула степени, додека еден степен е измерен во Прилеп, Тетово и Маврови Анови. Во Крива Паланка, Берово, Велес, Кавадарци, Крушево и Лазарополе утринската температура изнесуваше два степени.
Во Скопје, на мерните места Зајчев Рид и Петровец, како и во Струмица, Охрид и Претор, измерени се три степени, додека повисоки утрински температури се регистрирани во Штип, Виница и Демир Капија со пет степени. Најтопло утрово било во Гевгелија, каде се измерени осум степени.
Во изминатите 24 часа најмал воден талог е евидентиран во Пожаране, Лазарополе и Пожар, со еден литар на квадратен метар. Снежна покривка е забележана на повисоките планински предели, при што на Попова Шапка до 7 часот утрово се измерени 29 сантиметри снег, а на Маврови Анови девет сантиметри.
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во текот на ноќта, претежно во југоисточните делови, ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од 7 до 13 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Во текот на ноќта ќе има услови за повремен дожд, а максималната температура ќе достигне до 10 степени.