Левица реагира дека државата носи свесна и опасна политичка одлука со која директно се загрозуваат животите на лицата со ретки болести, откако, според нив, буџетот за Програмата за ретки болести е драстично намален. Од партијата наведуваат дека средствата кои во 2025 година изнесувале 24 милиони евра, за 2026 година се планирани на само 17,5 милиони евра, што претставува кратење од 6,5 милиони евра на грбот на најранливата категорија граѓани.
Според Левица, ова намалување доаѓа во услови кога бројот на пациенти со ретки болести постојано расте, а и со досегашниот, како што го оценуваат, недоволен буџет, пациентите често останувале без редовна терапија поради лошо планирање и нефункционални тендерски постапки. Наместо системски подобрувања и обезбедување континуитет во лекувањето, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што тврдат, го кратела и она малку што постоело.
Од партијата потенцираат дека дел од лицата со ретки болести се и лица со трајни инвалидитети, целосно или делумно изгубена работна способност и целосна зависност од скапа и континуирана терапија. За нив, нагласуваат, лековите не се привилегија, туку услов за преживување, а секој прекин во терапијата значи директно влошување на здравствената состојба и реален ризик по животот.
Левица предупредува дека намалениот буџет ќе значи помал број пациенти кои ќе добијат терапија, а оние кои ќе ја добијат ќе се соочуваат со прекини во лекувањето и дополнителен финансиски товар врз семејствата кои веќе живеат на работ на егзистенцијата. Во реакцијата се посочува и министерот за здравство Азир Алиу, за кого партијата оценува дека од јуни 2025 година не успеал да ги реши наталожените проблеми во здравството и дека со своето постапување се коцка со здравјето на граѓаните.
Според Левица, директната политичка одговорност за оваа одлука ја носи Владата предводена од Христијан Мицкоски. „Оваа власт не штеди на луксуз, туку на лекови, терапии и животи“, наведуваат од партијата, оценувајќи дека кратењето на средствата за ретки болести е порака дека болните, инвалидизираните и социјално најранливите не се приоритет на власта.
Левица бара итно зголемување на буџетот за Програмата за ретки болести, целосен континуитет во терапиите, забрзување и поедноставување на процедурите за набавка на лекови и политичка одговорност за, како што велат, одлуките што директно ги загрозуваат човечките животи.