Научници од Универзитетот „Данкук“ во Јужна Кореја развија нов вид меки контактни леќи кои можат сами да ги поправат ситните гребнатини по само еден час изложеност на ултравиолетова (УВ) светлина, што би можело значително да го продолжи нивниот век на употреба и да го намали ризикот за здравјето на очите.
Микрогребнатините што се создаваат при секојдневното користење и чистење на контактните леќи најчесто се невидливи, но со текот на времето можат да придонесат за натрупување протеини и микроорганизми, да предизвикаат непријатност и да го зголемат ризикот од инфекции и нарушување на видот.
Новиот материјал е изработен од специјален хидрогел со дисулфидни врски кои, под дејство на УВ-светлина, повторно се поврзуваат и ја обновуваат оштетената структура на леќата. Според истражувачите, на овој начин може да се врати околу 90 проценти од структурната стабилност на материјалот.
Дополнително, во составот е вграден уште еден полимер кој ја зголемува отпорноста на гребнатини и го намалува задржувањето на бактерии и други нечистотии. Тестирањата покажале дека новиот хидрогел успешно ги санира површинските оштетувања, за разлика од стандардните материјали што се користат кај денешните комерцијални контактни леќи.
Истражувачите сметаат дека во иднина постојните УВ уреди за чистење контактни леќи би можеле да се користат и за нивно обновување. Сепак, пред новата технологија да стане достапна на пазарот, потребни се дополнителни испитувања за нејзината безбедност и ефикасност.
Доколку понатамошните тестирања ги потврдат досегашните резултати, овие контактни леќи би можеле да претставуваат значаен напредок во офталмологијата и да им овозможат на корисниците подолготрајна и побезбедна употреба.