Александар Наумоски, кандидатот на СДСМ, изгуби во Ѓорче Петров.Тој преку социјалните мрежи се заблагодари на жителите кои го гласале и набројка што сработел изминативе четири години. Но, Наумоски не му ја честиташе победата на Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почитувани сограѓани, драги ѓорчепетровци, Ви благодарам за довербата и дадените гласови на вчерашниот изборен ден.
Ми беше чест што имав можност четири години да ја водам општината. Заедно со советничката листа, со моите соработници успеавме да реализираме бројни проекти кои го унапредија квалитетот на живот. Особено драго ми е што во мојот мандат Волково за првпат доби детска градинка и училишна спортска сала, што Ѓорче Петров доби уредено корзо и затворен базен, во Хром се доградува училиштето, а во Дексион старите бараки на амбулантата сега се минато. Цело Ѓорче блесна со модерни, штедливи ЛЕД сијалици. Неуморно работевме и обезбедивме локацијата на новиот клинички центар да биде во Наше Ѓорче. Над 110 улици асфалтиравме или поплочивме, поставивме 40 километри канализација, над 5 километри водовод, 40 километри асфалт, 7.700 квадратни метри нови паркинг простори. Сето тоа го работев за и со граѓаните. Овие, но и 200те други проекти остануваат да сведочат за мојата работа како градоначалник. Како и досега останувам посветен на Ѓорче. Прогресот во Ѓорче мора да продолжи. Да сте живи и здрави“, напиша тој.