Навивањето за Наполи заврши драматично за четириесетгодишен навивач од Неапол, кој бил примен во болница откако неговата сопруга го прободела со нож за време на расправија предизвикана од фудбалски натпревар.
Инцидентот се случил во неделата попладне во населбата Каподимонте во Неапол, додека брачниот пар го следел мечот од Серија А меѓу Аталанта и Наполи, кој тимот од Бергамо го доби со 2:1. Натпреварот уште од почетокот предизвикал нервоза кај домаќинот, особено по контроверзната ВАР-одлука со која бил поништен претходно досуден пенал за Наполи.
Револтиран од случувањата на теренот, навивачот гласно негодувал и упатувал пцовки кон судијата и играта на својот тим. Според наводите на полицијата, неговата сопруга погрешно ги протолкувала повиците, верувајќи дека навредите се упатени кон неа.
Недоразбирањето брзо прераснало во сериозна расправија. Жената го обвинила сопругот дека ја навредува, а откако тој одбил да ја напушти просторијата, ситуацијата ескалирала.
Најпрво фрлила ножици кон него, кои не го погодиле. Потоа земала кујнски нож и го прободела во левата страна од телото. И покрај шокот и крварењето, повредениот успеал да се јави на бројот 112 и да повика итна помош.
Според истрагата, жената продолжила да фрла ножеви, при што еден од нив се забил во ѕидот на станот.
Припадници на карабинерите од станицата Каподимонте пристигнале на местото и затекнале хаотична сцена. Триесет и петгодишната жена била уапсена и се товари за семејно насилство, нанесување тешки телесни повреди и незаконска употреба на ладно оружје.
Повредениот навивач бил пренесен во болницата „Оспедале дел Маре“ во Неапол, каде лекарите констатирале дека не е животно загрозен. Медицинскиот персонал посочил дека брзата реакција на итните служби била клучна за да се избегнат потешки последици.
Случајот уште еднаш отвора прашање колку емоциите поврзани со спортот можат да излезат од контрола кога фрустрацијата и недоразбирањето ќе се претворат во насилство.