Во врска со информацијата дека ќе се спојат Охридска, Стопанска и Шпаркасе банка, се обративме до Народната банка на Р Македонија. Дописот од НБРМ ви го објавуваме во целост:
„До моментов, до НБРМ, од трите банки наведени во Вашето прашање не е доставено барање за статусна промена на присоединување или спојување. Имено, согласно со Законот за банките, за добивање дозвола за статусни промени, банката е должна да поднесе барање до НБРМ. Документацијата, постапката и критериумите за добивање дозвола за статусни промени на банка се пропишани со Одлуката за издавање дозволи донесена од Советот на НБРМ, јавно достапна и на институцијалната веб - страница.
Во случај на добивање барање за статусна промена, а врз основа на оценка за исполнуавње на критериумите се донесува решение за издавање дозвола или за одбивање на барањето. Рокот за донесување на решението е регулиран со Законот за банките (член 22), јавно достапен на веб - страницата на НБРМ.
НБРМ, во повеќе наврати го има изнесено својот позитивен став за потребата од поголема консолидација на домашниот банкарски систем, преку окрупнување по пат на спојување или присоединување на банките во системот согласно со регулативата. Цениме дека доколку се случи процес на консолидација, тој особено би бил значаен за помалите банки, кои поради економијата на обем, на подолг рок би се соочувале со предизвик за остварување на доволно високи и стабилни приходи кои би им обезбедиле континуиран позитивен финансиски резултат и долгорочна перспектива за функционирање. Меѓу другото, окрупнување на банкарскиот систем би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, што би требало да доведе до проширување на лепезата на производи кои ги нудат банките, а под конкуретни услови.
Уште еднаш потенцираме дека до моментов, до НБРМ, од трите банки наведени во Вашето прашање не е доставено барање за статусна промена на присоединување или спојување.
Истовремено, ја користиме оваа можност за комуникација со Вашиот медиум, за уште еднаш да потсетиме дека и според најновите податоци, банкарскиот систем на земјава е сигурен, висококапитализиран и ликвиден.