Со растечката популарност на Оземпик како средство за слабеење, сè почесто се зборува и за неговите можни несакани ефекти и неочекувани последици. По изразите „Оземпик задник“ и „Оземпик здив“, на социјалните мрежи сега се појавува и терминот „Оземпик бебиња“.
Станува збор за жени кои за време на користењето на Оземпик или слични лекови од групата GLP-1 неочекувано останале бремени. Феноменот не се поврзува само со Оземпик, туку и со лекови како Мунџаро.
Според Кливленд клиниката, постојат индиции дека овие лекови индиректно би можеле да влијаат врз плодноста, но експертите предупредуваат дека не треба да се сметаат за терапија против неплодност.
Едно од можните објаснувања е губењето телесна тежина. Лекарите наведуваат дека повисокиот индекс на телесна маса може негативно да влијае врз плодноста, па слабеењето кај некои жени може да ги зголеми шансите за бременост.
Друг можен фактор е влијанието врз оралната контрацепција. Кај лекови што содржат тирзепатид, како Мунџаро, официјално е наведено дека може да се намали ефикасноста на контрацептивните таблети поради побавното празнење на желудникот. Кај семаглутидот, активната состојка во Оземпик, тоа засега не е целосно потврдено.
Од Ново Нордиск, производителот на Оземпик, наведуваат дека семаглутид не смее да се користи во бременост и дека жените треба да престанат со терапијата најмалку два месеца пред планирана бременост.
Експертите нагласуваат дека „Оземпик бебиња“ засега не се официјално признат несакан ефект, туку термин за феномен што сè почесто се споменува меѓу корисничките на GLP-1 лекови.