Министерот за здравство, Венко Филипче смета дека не треба да се прифатат барањата за полесен влез на конференции и прослави за лица кои не се вакцинирани. Дел од овие барања беа на угостителите, кои сметаа дека Владата треба да направи измени на најновата одлука за превентивни препораки и мерки.
„Бројни барања пристугнуваат. За утре е закажан состанок на Комисијата за заразни болести. Сметам дека овие мерки треба и натаму да останат исти, се додека не се зголеми колективниот имунитет. Заклучно со вчера, викендот, вакцинирани се 660 илјади граѓани. Ако продолжиме ова темпо, јас верувам дека некаде до средината на октомври, 15 октомври, уште повеќе ќе порасне колективниот имунитет и ќе стигнеме до милион граѓани, што е голем процент. Тоа е многу важно бидејќи почнува школската година. Сакаме есенскиот период, кога луѓето ќе бидат во затворени простории, да бидеме побезбедни. Затоа и акцнет ставаме на вакцинацијата, е не за влез во затворени простории“, рече Филипче.
Одлуката предвидува од 1 септември за влез во државата да се приложи сертификат/потврда за вакцинација или потврда за прележан вирус во последните 45 денови. Но, угостителите сметаат дека и тука барањето за потврдата за прележан вирус во последните 45 дена треба да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што е согласно препораките на стручната јавноста.
„Во одлуката е наведено дека се воведува забрана за влез во секаков вид угостителски објект за лицата кои не поседуваат сертификат, односно потврда за извршена имунизација или сертификат за прележан ковид во последните 45 дена. Сметаме дека тука треба да се создаде можност за влез во овие објекти и за лицата кои прележале Ковид-19 во изминатите 6 месеци или кои ќе приложат резултат од негативен ПЦР-тест или антиген тест. На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.
„Исто така укажуваме и на потребата спроведувањето на мерките и нивното почитување да се прави без исклучоци, бидејќи сме сведоци на ситуации каде во одредени угостителски субјекти континуирано не се почитуваат мерките и препораките, а при тоа не се соочуваат до последици, напротив претставуваат нелојална конкуренција. Покрај тоа што веќе истакнавме дека вработените во угостителските објекти немаат правна надлежност и овластување за барање документи за лична идентификација од посетителите, а исто така укажуваме и на опасноста од појава на фалсификувани потврди за вакцинација или за прележан вирус, за кои вработените во угостителските објекти немаат никаква надлежност. Ако инспекциите утврдат таков случај, одговорност треба да се бара од носителот на сертификатот, а не од објектот“, истакна Ангеловски.