Подготвен е нов Предлог закон за бесправно изградени објекти со кој предмет на легализација ќе бидат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот регион, заштитените подрачја, ….како и згради, доградби и надградби на згради, времени и помошни објекти.
Законот го искоментира и професорката по право, Мирјана Најчевска.
„Ова е закон со кој се промовира неправото. Нема правна држава во држава во која одново и одново се врши легализација на бесправно изградени објекти. Не ни треба Бугарија за да не влеземе во ЕУ. Ние самите со секоја своја постапка градиме ѕид кон ЕУ. И ако дозволите повторно да ве замајуваат со шарени лажги, дека е ова нешто сосема поинакво, во корист на граѓаните, и дека оваа дупка не е дупка тогаш сте поглупи отколку што можев да замислам“, напиша Најчевска.
Ресорниот министер Благој Бочварски денеска соопшти дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.