Во едно населено место во Лисабон се спроведува необичен експеримент со кој истражувачите се обидуваат да ја намалат популацијата на азискиот тигрест комарец, вид кој може да пренесува заразни болести. Во населбата Алваладе биле пуштени околу 30.000 стерилни мажјаци од видот Aedes albopictus.
Станува збор за последното пуштање комарци во оваа фаза од проектот, во рамките на која во Португалија досега биле ослободени околу 90.000 единки.
Стерилизираните мажјаци не касаат луѓе бидејќи само женките се хранат со крв. Наместо тоа, нивната улога е да се парат со дивите женки, но од таквото парење не се раѓа потомство. На тој начин истражувачите сакаат да ја намалат можноста за размножување на видот.
Раководителот на проектот, лекарот Афонсо Мореира, објаснил дека стерилизацијата е направена со проверена техника. Пуштените мажјаци треба да се натпреваруваат со дивите мажјаци за парење со женките.
Во почетната фаза истражувачите следат како се однесуваат комарците, колку се оддалечуваат од местото на пуштање и колку долго можат да преживеат во новата средина.
Доколку резултатите бидат позитивни, во мај е планирано споредбено истражување меѓу подрачјата каде што биле пуштени стерилни комарци и подрачјата каде што популацијата се контролира со други методи.
Експертите, сепак, нагласуваат дека пуштањето стерилни мажјаци не е единствената мерка за контрола на азискиот тигрест комарец. И понатаму е потребно да се отстрануваат местата каде што овој вид се размножува.
Азискиот тигрест комарец може да пренесува повеќе заразни болести, но за да дојде до пренос, женката најпрво треба да касне заразено лице, а потоа да касне друго лице.