Саша Богдановиќ не се откажува од тоа одново да биде кандидат за градоначалник на Центар, додека високи функционери го форсираат Горан Герасимовски, а потпретседателот Венко Филипче за позицијата ја „мести“ директорката на Инфективна клиника, Милена Стевановиќ, додека на анкетите високо котира директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова. Внатрепартиските калкулации одат дотаму да со денови нема согласност и единствено за кандидат.
Засега, според извори во СДСМ, сигурно е дека Бухова би им донела победа според реакциите на граѓаните, анкетите и проценките кои се правеа изминативе месеци. Токму тука се судираат копјата и дилемите на партијата. Но, Филипче ја форсира Стевановиќ, што според калукациите, може да донесе многу незадоволство бидејќи таа докторската и менаџерската функција би ја напуштила во сред пандемија кога има илјадници заразени, докторите трансферираат од клиника на клиника и работат со ротации поради недостаток на кадар. Во моменти кога има и независни листи, а ВМРО-ДПМНЕ оди со кандидат поддржан и од „Глас за Македонија“ на Солза Грчева, тоа може да биде губење на изборите за СДСМ.
За овие тврдења, нема потврда, но и негирање од СДСМ. „Скопје1“ испрати прашања на кои не добивме одговор за тоа каква е поддршката за Стевановиќ на анкетите, но и дали Бухова сепак ја има најголемата поддршка од жителите на Центар. Оттаму не одговараат ниту дали има несогласувања и околу прашањето кој да биде кандидат.
„Скопје1“ веќе објави дека СДСМ до последниот рок нема да го каже кандидатот за градоначалник на Центар за локалните избори. Анкетите се завршени одамна, но се тактизира. Ова, остава впечаток за обид за елиминација на актуелниот градоначалник, Саша Богдановиќ кој ни самиот не знае која ќе биде одлуката на партијата. Слична ситуација имаше во Куманово, каде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски за еден ден ги собра потписите за независен кандидат, откако СДСМ до последно молчеше дали одново ќе биде нивни кандидат.
Функционери од СДСМ засега го форсираат претседателот на општинскиот одбор во Центар, Горан Герасимовски да биде кандидат за градоначалник во општината. Неговото име постојано кружи во медиуми кои се повикуваат на партиски извори. Впечатокот на јавноста е дека на овој начин се проверува пулсот на жителите на Центар, за тоа дали ќе му дадат поддршка, иако, неофицијално на анкетите не котирал високо.
За овие неофицијални информации, засега нема одговор ниту од Саша Богдановиќ, кого го прашавме дали можеби би бил кандидат на друга партија, ако не биде кандидат на СДСМ.