Тензиите околу Сирија повторно се зголемуваат откако Израел изврши воздушни напади врз воен објект во северозападниот дел на земјата, а Турција остро ги отфрли обвинувањата од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Турската Дирекција за комуникации ги оцени тврдењата од кабинетот на Нетанјаху како „неосновани“ и обвини дека Израел се обидува да ги оправда, како што наведува Анкара, незаконските воздушни напади со кои се нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Реакцијата уследи откако израелски воени авиони во вторникот извршиле осум воздушни напади врз пистата на воениот аеродром Абу ал-Духур, во провинцијата Идлиб. Во нападите била причинета значителна материјална штета на воената инфраструктура.
Од кабинетот на Нетанјаху претходно соопштиле дека Израел и Сирија постигнале договор за задржување на постојната состојба во однос на безбедноста, но дека Дамаск бил „на работ од прекршување на договорот“ поради дозволувањето на турски војници да се распоредат во воздушна база во близина на Алепо.
Израелската страна тврди дека повеќепати ја предупредила Сирија дека таквото распоредување претставува закана за безбедноста на Израел, но дека предупредувањата биле игнорирани. Од кабинетот на Нетанјаху порачаа дека Израел нема да толерира закани по својата безбедност и дека би го поздравил враќањето на претходната состојба.
Анкара, од друга страна, го обвинува Нетанјаху дека со ваквите постапки спроведува „експанзионистичка и дестабилизирачка политика“ во регионот, а истовремено се обидува да обезбеди политички поени во пресрет на изборите во Израел.
Турција порача дека се залага за траен мир во регионот и дека тоа, според неа, може да се постигне само доколку Нетанјаху се откаже од политиката на притисок и го почитува меѓународното право.
Анкара истовремено ја потврди подготвеноста за продолжување на соработката со владата во Дамаск, со цел воспоставување мир и стабилност во Сирија.
„Турција решително ќе продолжи да соработува со сириската влада на легитимна основа за воспоставување мир и стабилност и никогаш нема да дозволи нова дестабилизација на Сирија“, порача Анкара.