Од март 2027 година ќе биде воспоставена директна авионска линија меѓу Дубаи и Скопје, а паралелно се разгледува можноста за директно поврзување на Охрид со еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати.
Ова денеска го соопшти заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието. Според него, линијата Дубаи–Скопје е веќе договорена, а летовите ќе ги реализира „Флајдубаи“.
„Со почетокот на новата сезона на летање, односно од март 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Тоа е веќе договорено и „Флајдубаи“ ќе почне во март 2027 година да лета директно од Дубаи до Скопје“, рече Николоски.
Тој оцени дека новата линија ќе придонесе за развој на туризмот и бизнисот, особено затоа што ќе функционира и во периодот надвор од летната туристичка сезона.
Николоски соопшти и дека се разговара за воспоставување директна линија меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати. Како можни дестинации ги посочи Абу Даби и Шарџа.
„Сè уште е во дискусија, но би рекол дека е многу извесно дека ќе ја договориме. Тоа е директен лет помеѓу еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати, дали ќе е Абу Даби, дали ќе е Шарџа, до Охрид“, рече министерот.
Според Николоски, договорите се резултат на владината посета на ОАЕ предводена од премиерот Христијан Мицкоски и средбите со шеикот Мохамед бин Зајед.
Тој потсети и дека меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати веќе е воспоставен безвизен режим, што, како што истакна, е значајно за туризмот и за деловната размена.
Николоски посочи дека се разговара и за потенцијални инвестиции, додека македонски компании веќе почнуваат да извезуваат на пазарот во ОАЕ. Според него, Обединетите Арапски Емирати сè повеќе стануваат значаен центар за меѓународни саеми и деловни настани.