Проблемот со свлечиштето на патот кон Тефериџ во Кисела Вода ќе го преземе Министерството за транспорт, а санацијата би требало да заврши во рок од околу една година, најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој во гостувањето на ТВ Телма објасни дека станува збор за сложено движење на земјиштето, поради што е потребна дополнителна стручност и експертиза. Според Николоски, проблемот е сличен на оној со кој надлежните се соочиле на автопатот Кичево.
Во моментов е во тек тендерската постапка за избор на изведувач, а според најавите, рокот за тендерот е до 20 август. По изборот на изведувачот, Министерството за транспорт треба да започне со санацијата.
„Во моментов има тендер за избор на изведувач. Ако не се лажам, тоа е 20-ти август. После тоа ние заедно со изведувачот ќе работиме и сум убеден дека проблемот ќе се реши“, изјави Николоски.
Тој посочи дека иако станува збор за проект кој не е голем според финансиската вредност, проблемот е сложен од инженерски и технички аспект. Во подготовката на решението се вклучени експерти од Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта.
Николоски додаде дека временските услови ќе имаат значајна улога во динамиката на санацијата, бидејќи е важно теренот да биде сув. Според проценките, целосното санирање на свлечиштето треба да биде завршено за околу една година.