„Мицкоски со лага дојде на власт, со лаги сака да остане“, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој тврди дека граѓаните веќе гледаат оти политиките на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се спротивни на ветувањата дадени пред доаѓањето на власт.
Филипче оцени дека на Мицкоски му паѓа рејтингот и дека власта, според него, веќе нема што да им понуди на граѓаните.
„Очигледно е дека тоа го сака Христијан Мицкоски, затоа што е свесен дека му паѓа рејтингот, затоа што е свесен дека веќе нема што да понуди, затоа што е свесен дека веќе не може да ги лаже граѓаните, затоа што тие не се наивни, гледаат како со лага дојде на власт, така сака и да продолжи. Па никој не е наивен тука. Ништо од тоа што ветуваше не исполни. Напротив, сè што ветуваше излезе дека е една голема лага“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ повторно го отвори и прашањето за европската интеграција, обвинувајќи ја Владата дека нема напредок на патот кон Европската Унија и дека не ги исполнила ветувањата за подобар животен стандард.
„Што се случи со европскиот пат, кога регионот оди напред? Ништо. Рекоа дека ќе ги подобрат условите. Ќе го поништуваше Преспанскиот договор. Не знам што сè друго ветуваше. Ништо од тоа нема. Ништо, буквално“, рече Филипче.
Тој побара од власта да посочи конкретна мерка со која, како што рече, покажала дека се грижи за граѓаните.
„Една мерка кажете ми со којашто се покажа дека се грижи за граѓаните, една работа. Сега се живее многу полошо отколку пред две-три години“, изјави Филипче.
Според него, уште посериозен проблем од животниот стандард е губењето на надежта кај граѓаните дека состојбите во земјата можат да се подобрат.
„Не само што се живее полошо, најстрашното од сè е што на луѓето им е убиена надежта дека тука може да биде подобро место за живеење со оваа криминална група, затоа што им даваат лош пример на младите и како се владее и како се менаџира со државата“, рече Филипче.