„Негативниот извештај на Европската комисија го потврди анти-европскиот карактер на оваа влада. Доказ за тоа дека основната цел на борбата на СДСМ да остане на власт е да ги заштити своите коруптивни зделки, а не европската иднина на државата, е Извештајот донесен од Европската Комисија за напредокот на Република Македонија, доставен до Собранието на РМ со цел негово усвојување. Повторно, како и многу пати досега, тоа се прави задкулисно и екстремно брзо, со цел да се избегне јавна расправа по истиот, бидејќи е далеку од позитивен и само ја потенцира неспособноста на оваа Влада да придонесе за полноправно членство на државата во ЕУ“, велат од Левица.
Во нивното соопштение се додава:
Европската Комисија потенцира слабости во клучни сегменти, со кои се докажува коруптивниот капацитет на извршната власт и тоа:
1. Во полето на демократијата, забелешките се дека јавноста воопшто не се консултира при носењето на новите закони, со што е длабоко доведен во прашање квалитетот на донесените закони, па речиси половина од донесените закони минатата година биле донесени по скратена собраниска процедура;
2. Во врска со борбата против организираниот криминал, забелешките се дека институциите се неефикасни и централизирани, особено потенцирани се слабости во издавањето на лични документи со лажни имиња на меѓународни криминални групации, перењето пари и трговијата со луѓе;
3. Се изразува загриженост во врска со значителниот број на предмети со судир на интереси и објавување на имотната состојба во кои се вклучени највисоки извршни функции, со што директно се нотира високата коруптивност на владата;
4. Потфрлања се нотирани и во имплементацијата и заштитата на основните човекови права, каде се наведува дека не е забележан напредок од претходниот извештаен период;
5. Во однос на економскиот развој, се потенцираат слабости во фискалното управување, слаба конвергентност со нивоата на приходи во ЕУ, зголемен дисбаланс за време на пандемијата, нецелосни и слаби мерки за подобрување на мрежата за финансиската безбедност, намалена активна работна сила, пред се, заради неможноста Владата да преземе конкретни мерки за да го спречи иселувањето од државата, а особено е потенцирана високата невработеност кај младите, дури 35,7%;
6. Дополнително нотирано е и дека мерките за подобрување на енергетската ефикасност се во застој, поради што сега се соочуваме со енергетска криза. Ветените брзи изградби на автопати и железнички пруги во владината програма се потенцирани како слабост, бидејќи истите не се остварија и регионалната сообраќајна поврзаност остана ниска.
Ваков извештај на европска институција кон која се стремиме и чиишто вредности се трудиме да ги прифатиме е суштински заклучок дека единствен напредок на оваа влада е постигнат само во насока на обезличување на македонската нација и потчинување на државата кон странските шовинизми. Се докажа дека таквите, наводни облигаторни, чекори за промена на уставното име на државата и ревидирањето на историјата се излишни, бидејќи нотираните слабости во Извештајот извираат од неспособноста и криминогениот карактер на владините функционери и поради тоа оваа анти-европска гарнитура мора што побрзо да си замине.