Резимето на Глобалниот извештај за ноќната економија за 2026 година е објавено на македонски јазик преку платформата Терапија.мк, со што овој значаен документ станува достапен и за домашната јавност, отворајќи простор за поширока дебата за улогата на културата, урбаниот живот и економските активности што се одвиваат по зајдисонце.
Според клучните наоди од извештајот, околу 3 отсто од глобалниот бруто-домашен производ е директно поврзан со ноќната економија, што претставува годишно економско влијание од меѓу 3 и 4 трилиони долари. Дополнително, секој десетти работник во светот е вработен во овој сектор, без притоа да се вклучат секундарните и индиректните работни места кои зависат од него. Овие податоци јасно укажуваат дека ноќната економија не е маргинален културен феномен, туку значаен столб на современите економии.
Извештајот, изработен од Night Time Foundation, беше меѓународно лансиран на Светскиот економски форум и претставува прв систематски обид за глобално мапирање на ноќната економија. Документот, познат како NTER (Night Time Economy Report), се темели на анализа на над 300 релевантни студии од различни земји и сектори, нудејќи основа за креирање јавни политики, урбано планирање и културен развој.
Во него се нагласува дека ноќната економија опфаќа широк спектар активности – од музика, клубска и фестивалска култура, до угостителство, транспорт, туризам, безбедност и креативни индустрии. Истовремено, се посочува дека градовите кои стратешки инвестираат во овој сегмент бележат поголема социјална кохезија, културна динамика и зголемена економска отпорност.
Од Терапија.мк, како платформа која со години го следи и поддржува развојот на клубската култура, независната сцена и урбаната креативност, оценуваат дека овие наоди се особено релевантни и за македонскиот контекст. Поддршката на културата што се развива „одоздола нагоре“, како и препознавањето на заедницата како двигател на урбаниот идентитет, се посочуваат како клучни фактори за одржлив развој на градовите и локалните економии.
Извештајот отвора сериозни прашања за тоа како институциите, локалните власти и културните актери можат поефикасно да ја интегрираат ноќната економија во јавните политики – не само како економски ресурс, туку и како простор за културна размена, социјална инклузија и современ урбан живот.
Линк од извештајот: