Сè повеќе луѓе избираат сами да одат на ручек или вечера во ресторан, но овој тренд не им одговара на сите угостители. Во дел од рестораните низ светот, гостите кои доаѓаат без придружба сè почесто се одбиваат, бидејќи сопствениците сметаат дека заземаат маси што би можеле да им донесат поголем приход.
Според магазинот Food Bible, сопствениците на ресторани објаснуваат дека не им е исплатливо маса за две или повеќе лица да биде зафатена од само еден гостин, особено во помалите локали со ограничен број места. Дополнително, преовладува ставот дека поединците трошат помалку од парови или поголеми друштва.
Поради ваквата деловна логика, во повеќе земји веќе се појавуваат случаи во кои ресторани одбиваат да услужат гости што дошле сами. Си-Ен-Ен објави приказна за новинарка која била одбиена во неколку ресторани затоа што сакала сама да вечера.
Во Сеул, некои локали дури поставиле натписи со кои им забрануваат влез на поединци, освен ако не нарачаат храна за две лица. На еден од натписите стоело: „Не услужуваме осаменост“.
Слична практика се бележи и во Европа. Според Euronews, поединечни гости во туристичките делови на Барселона често добиваат одговор дека нема слободни маси, иако подоцна тие им се доделуваат на поголеми групи посетители.
Сличен случај е забележан и во Ливерпул, каде што ресторан одбил да услужи жена која дошла сама. На влезот бил поставен натпис дека поради ограничениот простор нема маси за едно лице, како и дека не се дозволени детски колички и нарачки за носење.
И покрај ваквите примери, самостојното јадење во ресторани станува сè попопуларно. За многумина тоа претставува израз на независност и самодоверба, а не знак на осаменост.
Сепак, некои ресторани одат и чекор понатаму. Според Metro, ресторан во Лондон со две Мишленови ѕвезди наплатува 350 фунти за дегустациско мени по маса, без разлика дали на неа седи едно или две лица. Други, пак, воведуваат правило за минимална потрошувачка за гостите кои доаѓаат сами.