Од страна на компанијата Трансмет до Секторот за економски криминал и корупција при МВР е поднесена уште една кривична пријава против стечајниот управник Богољуб Макревски поради впишување на милионски долгови кои не постоеле на ниедно друго место освен на хартија.
Макревски во јавноста е познат по тоа што стечајните постапки кои тој ги води, најчесто завршуваат со ликвидација на компаниите и распродажба на преостанатиот имот – спротивно на она што се законски обврски на стечајниот управник, реорганизација на компанијата со цел продолжување на работењето на компанијата која паднала во стечај, објави Република.
Кривичната пријава која овој пат се поднесува против Макревски е поради сомнение за сторено кривично дело по член 32 б за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување со што се оштетени над 700 вработени во компанијата Трансмет како и доверителите кои бараат исплата на нивните долгови.
Според кривичната пријава против Богољуб Макревски, постои огромна разлика во износите на признаените побарувања на повеќе доверители, споредбено со реалната состојба на долгувањата врз основа на постооечката финансиска документација во Трансмет.
Тоа би значело дека Макревски, нереално впишувал долгови на фирми кои биле доверители на Трансмет, со цел тие да добијат што поголем дел од евентуалната стечајна маса. Или, објаснето со уличен жаргон – стечајниот управник, според кривичната пријава, впишувал поголеми долгови на компании кои успеале да го „убедат“ Макревски.
Текстот во целост на: Република.