По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, во Вашингтон се распоредени припадници на Националната гарда, како дел од неговиот план за справување со, како што оцени, „целосно неконтролираниот“ криминал во главниот град на САД. Војниците се позиционирани кај споменикот на Вашингтон и во областа на Националниот мол, со задача да обезбедуваат логистичка, транспортна и административна поддршка на локалната полиција, потврди портпаролот на американската армија, полковник Дејв Батлер.
Федералното распоредување на Националната гарда е дозволено во вонредни околности, но нивните надлежности се ограничени на заштита на федерален персонал и објекти, освен ако претседателот не прогласи бунт – што во овој случај не е направено. Според „Еј-Би-Си Њуз“, присуството на трупи има и симболична улога како потврда на одлуката на Трамп. Вojниците ќе имаат пристап до оружје, но нема да го носат.
На прес-конференција, Трамп објави дека ја презема контролата врз полицијата во Вашингтон и ја активира Националната гарда, наведувајќи дека „нешто излегло од контрола“ и додавајќи: „Наскоро ќе го ставиме под контрола, како што направивме на јужната граница. Ова е Ден на ослободувањето за Вашингтон и ќе го вратиме нашиот главен град.“
Околу 100 припадници на Гардата веќе ја презедоа должноста, а дополнителни сили се очекуваат во текот на неделата. Мандатот на Трамп за контрола врз полицијата во Вашингтон ќе трае 30 дена, по што Конгресот ќе одлучува за понатамошните чекори.
Полковник Батлер додаде дека Гарда сè уште нема конкретна оперативна задача освен поддршката на полицијата, и дека мобилизацијата на преостанатите 800 членови ќе се одвива во текот на следната недела.
Националната гарда е воена формација под двојна контрола – федерална, од страна на претседателот, и државна, под надлежност на гувернерот. Во случај на федерализација, како сега, гувернерот нема контрола врз трупите и само претседателот може да одлучи за нивното повлекување или пренасочување.