Ризикот од излевање на езерото настанато по уривањето на глечерот на границата меѓу Кина и Непал е намален откако било утврдено дека неговата површина се намалува, но експертите предупредуваат дека опасноста сè уште не поминала.
Сателитските снимки од четвртокот до раните утрински часови покажале дека водата од езерото, кое се наоѓа на границата меѓу Кина и Непал, на спојот на две реки, постепено истекува, објави кинеската државна телевизија CCTV, повикувајќи се на Министерството за водни ресурси.
Според податоците на министерството, површината на езерото кај реката Пурепу Цангпо рано утрово изнесувала 99.000 квадратни метри, што е околу 21.000 квадратни метри помалку отколку на снимките направени во четвртокот, пренесе Ројтерс.
Уривањето на глечерот во средата предизвикало силен порој од камења, мраз, кал и отпад низ планинските речни системи на Хималаите.
Поројот го однел комплексот на граничниот премин кој го поврзува кинески Тибет со Непал, усмртил стотици луѓе и оставил илјадници исчезнати.
Експертите и властите предупредија на висок ризик од секундарни катастрофи во долината, особено поради езерото формирано од остатоците од глечерот, кое би можело да ги загрози спасувачките операции низводно.
Државната инженерска и спасувачка компанија „Кина Аненг“, која од четвртокот ја следи состојбата на езерото, во петокот испрати тим од 15 членови со извидувачки дронови, преносливи сателитски станици и мобилни надзорни камери за собирање дополнителни податоци.
Излевањето на езерото во петокот привремено ги запрело спасувачките операции, но последователната проценка покажала дека ризиците се под контрола.
Властите идентификувале и уште едно поголемо езеро во подножјето на урнатиот глечер.
„Проценуваме дека неговата површина е поголема од 120.000 квадратни метри, но неговата длабочина во моментов не е позната“, изјавил високиот инженер во Центарот за геолошко-техничко управување при катастрофи на Министерството за природни ресурси, Чен Хонгќи.
Претставник на непалската управа за управување со катастрофи предупредил дека ризикот од поплави ќе постои сè додека двете езера целосно не се испразнат.
Повеќе од 50 спасувачи утрово, по дождливо и облачно време, ги пребарувале урнатините и калта во потрага по преживеани, објави CCTV.
Првиот тим спасувачи и куче за потрага и спасување вчера попладне пристигнале до комплексот на граничниот премин Ѓиронг, кој го опишале како подрачје каде што останале „само урнатини“.
Бројот на загинатите во кинескиот дел од катастрофата се зголемил на седум, додека 554 лица и понатаму се водат како исчезнати, соопшти Синхуа.
Евакуирани се речиси 500 жители и градежни работници, како и сите 555 туристи кои се наоѓале во подрачјето.