Новата учебна година во средните училишта во Скопје започнува со подобрени услови и нова опрема, по инвестициите реализирани во образовната инфраструктура во текот на летото.
Во повеќе училишта се обновени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија. Обезбедени се и современа наставна опрема, интерактивна технологија, дидактички помагала и нов мебел.
Посебно внимание е посветено на практичната настава. Учениците ќе имаат можност да работат во современи лаборатории, како и во паметен пластеник, каде што практично ќе ги применуваат знаењата од науката, технологијата и земјоделството.
Во средните училишта се изградени и нови спортски терени, со што се создаваат подобри услови за физичка активност и спорт.
Од Град Скопје посочуваат дека инвестициите се насочени кон создавање современа образовна средина која ќе ја поттикнува љубопитноста, креативноста и практичните знаења кај младите и ќе ги подготвува за идните професии и предизвици.