И покрај промената на власта во 2018 година нема сериозни промени во медиумската сфера во однос на правната рамка за слободата на медиумите и позицијата на новинарите во редакциите, се оценува во Годишниот извештај на ЗНМ за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија.
На денешната презентација на Извештајот, извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски истакна дека Владата не успеа да ја подобри медиумската регулатива што беше долго време најавувана, бидејќи, како што посочи, измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој требаше да создадат подобар амбиент за работата на медиумите се уште не е усвоен во Собранието. Според него, охрабрува тоа што власта и опозицијата се блиску до договор и се очекува законот да биде донесен до крајот на годината.
„Во делот на законската медиумска легислатива не само што немаше подобрување, туку имаше и одредено назадување. За време на летните одмори, без никаква дебата и нетранспарентно Владата ги усвои измените на Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии. Овие измени овозможуваат на парламентарните партии да трошат јавни пари за финансирање на медиумска политичка пропаганда за време на изборна кампања, што ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите“, рече Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ.
Освен правната рамка на слободата на медиумите, извештајот анализира уште два индикатори: позицијата на новинарите во редакцијата и безбедноста на новинарите.
Просечната плата на новинарите изнесува 18.800 денари, што е околу третина пониска од просечната плата во Македонија, додека кај новинарите од внатрешноста платите се пониски и од 12 илјади денари. Половина од новинарите немаат договор за вработување на неопределено време, а над 55 проценти од новинарите им доцнат платите.
Единствен позитивен податок е бројот на напади на новинари, кој е намален за три пати – од 18 случаи во 2017, на 6 оваа година, а донесени се и први судски пресуди против лица кои напаѓале новинари во минатото. Сепак останува политиката на неказнивост, во која од 59 напади решени се само 2 случаи на напади врз новинари.