Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, денес официјално го пуштија во употреба новиот затворен базен кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Скопје.
Станува збор за затворен базен со должина од 25 метри и ширина од девет метри, кој по неговото отворање ќе биде предаден на управување на Општина Карпош.
Изградбата на базенот започна во 2023 година преку тогашната Агенција за млади и спорт, но проектот подоцна остана недовршен. Министерството за спорт обезбеди средства за негово комплетирање во рамките на Програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и го стави во функција за потребите на граѓаните и спортските клубови.
Министерот Борко Ристовски истакна дека вложувањата во спортската инфраструктура остануваат еден од главните приоритети на Министерството.
„Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите капитални проекти кои беа заостанати. Имаме обврска да ги завршиме проектите што ги затекнавме и да ги ставиме на располагање на граѓаните. Ова е шестиот базен кој Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а започнуваме и со изградба на базени во Струмица и Кавадарци“, изјави Ристовски.
Тој нагласи дека ваквите проекти имаат пошироко значење од спортот, бидејќи се наменети пред сè за младите генерации.
„Ова е еден од проектите што имаат не само спортска, туку и многу поголема важност, бидејќи се наменети за најмладите да пливаат, да спортуваат и да ги учат вистинските вредности“, рече министерот.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека реализацијата на ваквите проекти претставува исполнување на дадените ветувања кон граѓаните.
„Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро и корисно за заедницата, особено за најмладите. Посакувам во иднина да имаме уште многу вакви проекти. Сите ветувања што се дадени треба и да се реализираат“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со реализацијата на капитални проекти во соработка со општините, посочувајќи дека преку различни програми се инвестираат значителни средства во локалната инфраструктура.
Со отворањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на проектот за изградба на затворени базени низ државата. Претходно беа завршени базените во Кисела Вода и Штип, додека во наредниот период се очекува во употреба да бидат пуштени и базените во Битола, Кичево и Општина Ѓорче Петров. Во меѓувреме, веќе започна изградбата на нови базени во Струмица и Кавадарци.
Од Министерството за спорт нагласуваат дека инвестициите во спортската инфраструктура се основа за подобри услови за спортистите, развој на младинскиот спорт и поголема достапност на спортските содржини за сите граѓани.