Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за настаните од 27 април, по краткото одложување поради аларм за пожар во Кривичниот суд. Денеска сведочеше Никола Димитриевски кој бил обезбедување на Митко Чавков на „крвавиот четврток“. Тој рече дека Чавков на 27 април не бил во ВМРО ДПМНЕ во 18 часот, како што сведочеше минатата недела Александар Василевски Нинџа.
Според Димитриевски, Чавков во 18 часот бил во канцеларија која што ја имал во „Технометал Вардар“ и таму останал два часа. По ова, Чавков заминал во МВР каде што се задржал до полноќ, а потоа отишол во штабот на ВМРО ДПМНЕ за да се види со Тодоров.
Александар Василевски Нинџа го испрашуваше Димитриевски при што го праша дали паркингот во Технометал Вардар е ист со паркингот кој го користи ВМРО ДПМНЕ.
Сведокот рече дека Технометал Вардар и ВМРО ДПМНЕ користат ист паркинг.
Потоа и судијката Добрила Кацарска го испрашуваше Димитриевски, при што тој не можеше да се сети какви наредби давал Чавков.
По неколку инсистирања на Кацарска, сведокот се сети дека го видел министерот Агим Нухиу, но не се сеќаваше дали разговарале Чавков и Нухиу. На прашање на Кацарска сведокот рече дека видел како дел од присутните во штабот зборувале на телефон или на радио врска, но не можеше да каже колку лица имало во просторијата. Кацарска го потсети дека претходно во своето сведочење пред судот појаснил дека кога стоел пред канцеларијата во Технометал Вардар каде што бил Чавков, просторијата била затворена со обична врата и дека слушнал се. На ова сведокот одговори дека од толку многу интензивни команди кои ги давал Чавков не може да се сети ниту на една.
Кацарска продолжи да му укажува и да го потпрашува по што му рече: „Господине сведок, 11 години сте во МВР и сте професионалец, па која е причината што не можете да се сетите на дадените команди?“. Сведокот се оправда со тоа дека од настанот до денес поминало многу време.
Кацарска го праша дали можеби чул разговор помеѓу Чавков и Агим Нухиу, на што сведокот одговори не може да се сети. Судијката по ова го потсети на тоа дека кажа оти 99 отсто од командите ги издавал Чавков па бараше од сведокот да посочи кому му ги издавал командите. Одговорот на ова беше: „На тогашниот началник Сашо Митевски кој ги пренесуваше на терен се до 20 часот“.
Трајко Вељаноски утрово дојде да сведочи во Основниот суд, но судот го ослободи со образложение дека ќе биде повикан по паузата, но неговото сведочење во договор со судијката и адвокатите, останува за утре.