Основното јавно обвинителство Кочани побара привремено одземање на движен и недвижен имот на Александар Лазаров – Цуна, откако тој беше повторно лишен од слобода по бегството од полициската станица во Кочани.
Од Обвинителството информираат дека на 10 јули годинава била донесена Наредба за спроведување истражна постапка против Лазаров и уште едно лице, осомничени како соизвршители за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Истрагата е поведена откако при претрес на автомобил кај осомничените биле пронајдени осум грама кокаин. По предлог на јавниот обвинител, уште истиот ден на Лазаров му бил определен притвор.
„По лишувањето од слобода, јавниот обвинител денеска беше известен и лицето веднаш е испратено на издржување на притворската мерка“, соопшти Обвинителството.
Покрај тоа, јавниот обвинител до Основниот суд во Кочани поднел барање за определување привремена мерка за обезбедување, односно привремено одземање на движен и недвижен имот согласно член 202 од Законот за кривичната постапка.
Според досегашните сознанија, постои сомнение дека еден стан и шест автомобили, од кои дел се водат на други лица, фактички се во владение и на располагање на осомничениот.
„Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист“, наведува Обвинителството.
Александар Лазаров – Цуна беше уапсен по неколкудневно бегство, откако успеа да избега од полициската станица во Кочани. За случајот, Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека против полициските службеници се води постапка за утврдување евентуална одговорност.