Специјалното обвинителство во Хаг побара времето што Хашим Тачи го поминал во притвор да не му биде пресметано во евентуалната казна во предметот за попречување на правдата.
Во поднесокот, обвинителството наведува дека времето поминато во притвор на Тачи може да биде засметано само во предметот за воени злосторства, за кој тој е осуден на 25 години затвор.
Според Правило 163(6), обвинетите имаат право на пресметување на времето поминато во притвор пред судењето. Сепак, обвинителството посочува дека Тачи во моментов е притворен врз основа на два одделни налози за апсење – едниот од ноември 2020 година во предметот за воени злосторства, а другите два од ноември 2024 година во постапката за попречување на правдата.
Обвинителството смета дека ваквите ситуации не се невообичаени пред други трибунали, особено кога обвинетиот е конкретно обвинет за попречување на главната постапка против него.
За попречување на правдата, Специјалното обвинителство побара шестгодишна затворска казна за Тачи. Тој во одделниот предмет за воени злосторства е осуден на 25 години затвор.
Судењето за попречување на правдата започна кон крајот на февруари. Во истиот предмет се обвинети и поранешниот командант на ОВК, Исни Килај, поранешниот шеф на Косовската разузнавачка агенција, Башким Смакај, поранешниот борец на ОВК, Фадил Фазлиу, и поранешниот министер за правда на Косово, Хајредин Кучи.
Тие се обвинети за обиди за влијание врз сведочењето на сведоци во предметот против Тачи и тројца други поранешни команданти на ОВК.
За Смакај, Килај и Фазлиу, обвинителството бара по три години затвор, додека за Кучи бара деветмесечна затворска казна.