Граѓаните знаат колку кафе или вода испиле премиерот или министрите, рече неодамна во интервју за српската телевизија N1, премиерот Зоран Заев. Тоа, како што појасни, било знак дека Владата и министерствата се отворени и отчетни пред граѓаните и оти имаат контрола над буџетските трошења, објави Призма.
Оваа висока самооценка за транспарентноста на премиерот не е изолирана. И други владини претставници постојано говорат дека Владата е oтчетна и дека тоа е една од нивните стратегиски заложби. Таква беше изјавата на министерот Оливер Спасовски, кој говореше за „широка и обврзувачка транспарентност“.
Но, овие изјави се како лакмус. При најмала проверка, лесно може да ја променат бојата и да покажат спротивна состојба.
Истражувајќи што исплаќа Владата, БИРН преку Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби сите фактури што биле исплатени преку авторската агенција „Артпицк“ за декември 2020 под ставката други договорни услуги.
Наодите покажаа дека Владата со над 250 вработени во Генералниот секретаријат, дополнително лани во декември ангажирала 58 луѓе, ама за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, овие хонорарци се скриени, па, и покрај сите декларирани заложби за транспарентност, Владата инсистира тие да останат – анонимни.
Станува збор за хонорари, кои вкупно за еден месец изнесуваат над 37 илјади евра. Во нив спаѓаат ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи…
Делата за кои се ангажирани лицата ги добивме откако Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, оцени дека тоа е јавен податок и Владата нема основа да го сокрие.
Текстот во целост на: Призма.