Студиото „Универзал“ продолжува со подготовките за биографскиот филм за поп-ѕвездата Бритни Спирс, а проектот сега доби и сценаристка. Сценариото ќе го напише Лиз Мериведер, позната по успешните серии „New Girl“ и „Dying for Sex“, објави „The Hollywood Reporter“.
Со тоа проектот влегува во нова фаза од развојот. Режисер ќе биде Џон М. Чу, додека продуцент е Марк Плат, креативниот тим што стои зад филмскиот хит „Wicked“. Од „Универзал“ засега не ги коментираа информациите.
Филмот ќе биде заснован на мемоарите на Бритни Спирс „The Woman in Me“, објавени во 2023 година, кои станаа светски бестселер.
Во книгата, пејачката искрено зборува за својот живот – од подемот до статусот на тинејџерска поп-икона, преку љубовните врски што со години беа во центарот на вниманието, меѓу кои и онаа со Џастин Тимберлејк, па сè до нејзиниот психички слом и долгогодишното старателство, од кое подоцна успеа да се ослободи.
„The Woman in Me“ е продадена во милионски тираж ширум светот по објавувањето во октомври 2023 година. Аудиокнигата, која ја чита актерката Мишел Вилијамс, стана најбрзо продаваното издание во историјата на издавачката куќа „Simon & Schuster“.
Филмот за Бритни Спирс е дел од сè поголемиот тренд на холивудски биографски филмови за музички ѕвезди. По успехот на филмот „Michael“, посветен на Мајкл Џексон, „Универзал“ работи и на биографски филм за Снуп Дог.
Лиз Мериведер важи за една од најбараните сценаристки и продуцентки во Холивуд. Покрај „New Girl“ и „Dying for Sex“, таа стои и зад сериите „The Dropout“ и „Bless This Mess“, а неодамна ја создаде и криминалистичката драма „The Furious“ за стриминг-платформата „Hulu“.