Плаќањето туристичка такса или користењето јавен тоалет одамна се вообичаени трошоци за туристите низ Европа. Но, во некои европски туристички дестинации се појавуваат и нови, неочекувани давачки кои предизвикуваат незадоволство кај посетителите.
На една плажа во шпанскиот туристички центар Маталаскањас, на брегот Коста де ла Луз, се тестира таканаречен „паметен туш“, кој може да се користи само по извршено плаќање во готово или преку QR-код.
Цената на туширањето изнесува околу едно евро за минута, а локалните власти објаснуваат дека мерката е воведена со цел да се заштеди вода. Сепак, дел од жителите сметаат дека ваквата пракса е претерана и стравуваат дека наскоро ќе почне да се наплаќа буквално сè.
Дополнителните трошоци не се непознати ниту во Италија. Во многу ресторани гостите плаќаат таканаречено „coperto“ – надомест за послужување, кој вклучува користење прибор за јадење, леб и седење на маса. Овој трошок често изнесува неколку евра по лице и знае непријатно да ги изненади туристите.
На бројни европски плажи посебно се наплаќаат и лежалките и чадорите за сонце, а цените постојано растат. Така, на одредени плажи на Мајорка, изнајмувањето стандардна лежалка и чадор достигнува 10 евра дневно, додека луксузните лежалки чинат и до 70 евра.
Во Австрија, пак, некои ресторани почнале дополнително да наплаќаат доколку повеќе лица делат еден оброк, а во одредени случаи се наплаќа и дополнителна чинија.
Дополнителни трошоци се појавуваат и кај пијалаците. Туристка на шпанската Коста дел Сол останала изненадена кога за две коцки мраз во ладно кафе ѝ биле наплатени дополнителни 50 центи.
Некои туристи непријатно се изненадиле и при сместувањето, откако дознале дека постелнината и пешкирите не се вклучени во цената на престојот, туку се наплаќаат дополнително.
Експертите советуваат патниците внимателно да ги читаат условите при резервација на сместување и да се информираат за локалните правила и дополнителни трошоци за да избегнат непријатни изненадувања за време на одморот.