Утре стартува повратот на ДДВ за граѓаните, преку кој четиричлено семејство ќе може да го надополни својот годишен семеен буџет за најмногу 28.800 денари.
Граѓаните не треба да ги собираат фискалните сметки, туку секаде каде што пазаруваат да ги земат или да ги побараат ако трговците не им ги дале и со својот паметен мобилен телефон веднаш или најдоцна во рок од 10 дена да ги скенираат бар-кодовите од нив. За да можат да скенираат, претходно треба да ја симнат апликација МојДДВ. Апликацијата ќе биде достапна за симнување на веб страницата на УЈП, а на еден телефон ќе можат да бидат логирани повеќе лица.
Повратот ќе важи само за сметки до 30.000 денари, за да се избегнат скапи односно луксузни работи, велат од Владата. Повратот нема да се прави за фактури и сметки со кои граѓаните плаќаат струја, вода и останатите комуналии.
Државата ќе враќа 15% од платениот ДДВ. Што значи дека на платена сметка од 1000 денари, граѓаните плаќаат 180 денари ДДВ. Од овие 180 денари државата ќе врати 15% или во овој случај 27 денари.
Едно лице месечно може да врати максимум 600 денари за кои треба да потроши над 22 илјади денари.
За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ нема да плаќа персонален данок.