ОКТА АД – Скопје најави привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, кој ќе важи од 2 до 16 јуни 2026 година. Одлуката е донесена поради тековните движења на меѓународните цени на горивата и по конструктивната комуникација со Владата.
Од компанијата информираат дека мерката претставува продолжение на активностите за поддршка на домашниот пазар што се спроведуваат од март годинава, со цел да се ублажат последиците од нестабилноста на светскиот пазар на горива.
Попустот ќе важи за трговците на големо и мало кои набавуваат бензин од ОКТА, а компанијата очекува тие да ја рефлектираат поддршката во цените што им ги нудат на потрошувачите. Сепак, како што посочуваат од ОКТА, крајните малопродажни цени ќе ги определуваат самите трговци, во согласност со нивните деловни политики и пазарните услови.
Според проценките на компанијата, вкупниот придонес за поддршка на пазарот преку досегашните мерки ќе надмине 7 милиони евра.
Од ОКТА нагласуваат дека остануваат посветени на обезбедување сигурно и непречено снабдување со горива, при што паралелно работат на зачувување на долгорочната стабилност на работењето и на синџирот на снабдување.