Општина Дебрца ги презентираше резултатите од Проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018“. Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација. Средствата за реализација на проектот, во износ од 100.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Дебрца, конкретно од Програмата за развој на културата во 2018 година, а истражувањето го спроведе истражувачкиот тим на Филозофскиот факултет Скопје.
„Најнапред сакаме дел од овие истражувања да ги внесеме во една посебна брошура, а понатаму да извршиме и детални истражувања, со што во наредниот период акцентот ќе го ставиме пред се на требенишкото Кале, требенишката некропола која е светски позната, а многу малу се знае кај нас, посебно во општина Дебрца, а токму оваа година се навршуваат 100 години од пронаоѓањето на првите златни маски во 1918 година. Сите овие истражувања претставуваат значаен импулс за туристичката понуда на општина Дебрца“ – изјави градоначалникот Зоран Ногачески.
Презентацијата ја изврши раководителот на истражувачкиот тим, Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.
„Мислам дека има уште 2-3 локалитети кои што јас би ги нарекол градови, Кула Песочани, Кула Годивје, Градиштето Слатино се веќе мали градчиња, фантастични локалитети кои се ретки дури и во регионов. Имаат и поволна позиција каде што поминува магистралата, ние тука ќе се обидеме да ги задржиме туристите. Тоа е таа спрега помеѓу Општините, археолозите, туристичките работници, па и нормално Музеите “– изјави Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.