Бујар Османи, остро реагираше на скандирањата со говор на омраза за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, посочувајќи дека молкот од премиерот Мицкоски и Владата е уште позагрижувачки. Во својот пост на ФБ, тој оценува дека се нормализира антиалбанската реторика.
-Скандирањата за „смрт на Шиптари“, за „гасни комори“, за „чиста Македонија“ пред бројна Владина делегација предводена од Премиерот претставува скандал сам по себе на кој треба сите да реагираат. Отсуството на реакција, пак, од самиот Премиер, и од Владата, испраќа позагрижувачка порака за нормализација на овие трендови.
Мицковски ја пропушти шансата да покаже дека е Премиер на сите граѓани, и дека барем симболично е загрижен за навредите и заканите испратени кон Албанците во земјава.
Тој требаше веднаш да ја напушти салата, или во најмала рака, преку реакција на социјалните мрежи, да ги осуди овие скандирања; пропушти и Владината служба формално да испрати реакција од страна на Владата, за која, пак, сме виделе дека има капацитет да произведува и серија соопштенија за најмали потреби.
Овој скандал на трибините во Куманово не преставува изолиран случај, туку уште еден во низата преку кој Власта ја поттикнува, или во најмала рака, ја нормализира антиалбанската реторика во општеството. Да се потсетиме само на случајот со Богевски, коалицискиот партнер кој исто така се прослави со навреди и понижувања на Албанците, а беше награден и подоцна заштитен од самиот Премиер.
Ова се опасни и загрижувачки тенденции, и оние кои ѝ мислат добро на земјата не треба да ги толерираат овие испади, туку треба јасно и недвосмислено да ги осудат“, напиша Османи.