Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денеска изјави дека од ВМРО-ДПМНЕ преку приватни канали стигнуваат пораки за затоплување на односите меѓу двете партии, и тоа во насока на можен влез на ДУИ во Владата.
Изјавата следи по коментар на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од Битола порача дека опозицијата ќе загуби на локалните избори во сите општини и повика ДУИ да биде конструктивна опозиција, особено околу измените на Изборниот законик и обезбедувањето на Бадентеровото мнозинство.
„Премиерот во јавноста дава такви пораки сметајќи дека така ќе им помогне на коалициските партнери, но не пушта такви пораки преку приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите. Меѓутоа, нашиот став е јасен: ДУИ нема да прави пазар за влегување во Влада – излези еден, влези друг“, изјави Османи.
Тој додаде дека Албанците нема да дозволат да бидат третирани како „аморфна маса“ и дека самите преку избори ќе одлучат кој ќе ги претставува во Владата. Османи направи споредба со 1990-тите години на Косово, кога, како што потсети, „Милошевиќ од Белград носеше претседател на Косово, а Албанците создадоа паралелни институции за да покажат дека нема да прифатат наметнати претставници“.
Османи истакна и дека анкетите покажуваат водство на Националната алијанса за интеграција, преименуваниот „Европски фронт“, во однос на коалицијата ВЛЕН, со сооднос од три спрема еден.
На новинарско прашање дали има постојана комуникација меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Османи одговори потврдно, нагласувајќи дека не може повеќе да се премолчуваат разликите меѓу јавните и приватните ставови. На дополнително прашање дали под затоплување на односите се подразбира идно коалицирање и влез во Владата, Османи кусо рече: „Да“.