По позитивниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија и другите земји од Западен Балкан, министерот за евроинтеграции Бујар Османи во отвореното Студио 1 вели дека освен кристално чистата препорака, нотирано е дека не само добри намери, реформите се навистина спроведени и по сите оценки, земјава предничи пред другите кандидати од регионов. Сепак, останува забелешката дека се уште имаме сериозен проблем со корупцијата, а споменат е и непотизмот.
-Спомнат е агресивниот ангажман на институциите кои беа создадени во овој период како т.н. delivery units за да испорачаат резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал и непотизмот. Се разбира дека не сме совршени и не велиме дека сме подготвени утре да влеземе во ЕУ, но дали во овој известувачки период, дали во овие две години отворивме ново поглавје, направивме комплетна трансформација на општеството, тоа се гледа јасно од самиот Извештај, изјави Османи.
За тоа дека граѓаните во реалниот живот не го чувствуваат напредокот опишан во Извештајот, и особено забелешките за јавното здравство и образованието, Османи вели дека во последните 18 месеци било очекувано целата политичка енергија на новата Влада да се фокусира на решавање на политичките прашања.
-Системот функционира континуирано по принципите по кои е воспоставен со години наназад, но очекувајте дека административниот фокус кон тие прашања ќе биде со отворање на поглавјата во моментот кога ќе се растовариме од политичките прашања кои нѐ ставаа во тешка институционална криза, изјави Османи.