Основачот на Телеграм, милијардерот Павел Дуров, понудил да ги покрие сите трошоци за медицински потпомогнато оплодување (МПО) за жени помлади од 38 години кои сакаат да ја користат неговата сперма за зачнување. Четириесет и едногодишниот Рус тврди дека веќе е татко на повеќе од 100 деца добиени преку донација на сперма, покрај шесте деца што ги има со три партнерки, објави „Волстрит журнал“.
Дуров, чие богатство се проценува на речиси 17 милијарди долари, донацијата на сперма ја смета за „граѓанска должност“. Според него, на овој начин помага да се надмине недостигот од „висококвалитетен донаторски материјал“ и да се дестигматизира поимот донација на сперма. Тој изјави дека сите негови деца, без разлика на начинот на кој се зачнати, еден ден ќе наследат дел од неговото богатство.
„Сè додека можат да го утврдат заедничкиот ДНК со мене, можеби за 30 години, ќе имаат право на дел од мојот имот по мојата смрт“, изјави Дуров за подкастот на Лекс Фридман. За францускиот магазин „Ле Поан“ додаде дека не прави никаква разлика меѓу своите деца.
Според „Волстрит журнал“, минатата година десетици жени се јавиле на оглас во една московска клиника кој нудел користење на спермата на Дуров. Во огласот било наведено дека трошоците ќе бидат целосно покриени за жени помлади од 38 години заинтересирани за неговата, како што била опишана, „високобарана“ сперма. Иако Дуров повеќе не донира активно, примероци од неговите претходни донации сè уште се чуваат во клиниката „Алтравита“, а во објава на Телеграм во јули 2024 година тој потврдил дека спермата „сè уште е достапна“.
Дуров започнал со донирање сперма уште во 2010 година, со цел да му помогне на пријател кој се соочувал со неплодност. Подоцна продолжил откако, како што вели, експерти му укажале на сериозен недостиг на донаторска сперма. „Моите претходни донации им помогнаа на повеќе од сто парови во 12 земји да добијат деца“, напиша тој лани на Телеграм, најавувајќи планови да го направи својот ДНК „отворен извор“ за неговите биолошки деца полесно да можат да го пронајдат.
Еден поранешен лекар од клиниката изјавил дека жените кои се јавувале на огласот биле добро образовани и здрави, и сакале дете од „успешен, интелигентен и привлечен донатор“. Тој нагласил дека Дуров немал улога во изборот на жените.
Освен децата зачнати преку донации, Дуров има две деца со поранешна девојка и уште три со адвокатката за човекови права Ирина Болгар, која живее во Швајцарија. Меѓу нив во тек е правен спор, откако Болгар тврдеше дека Дуров во 2023 година ја прекинал финансиската поддршка за неа и децата. Таа поднела и кривична пријава, тврдејќи дека тој физички го нападнал нивното најмало дете, што портпаролот на Дуров го демантира.
Основачот на Телеграм, платформа која денес има повеќе од една милијарда корисници, моментално е во врска со инфлуенсерката Јули Вавилова.