Костарикански научници соопштија дека во водите на Тихиот Океан најверојатно откриле нов вид на таканаречената „ајкула дух“, односно химера, која се разликува од досега познатите видови по пократката њушка, потемната боја на телото и подолгата боцка на грбната перка.
Истражувачите од Универзитетот на Костарика велат дека новиот примерок бил пронајден во близина на Кејп Бланко и островот Дел Кањо. Професорот Артуро Ангуло Сибаха истакна дека ова е единствениот познат вид „ајкула дух“ на брегот на Централна Америка.
Генетските анализи покажале дека примероците од Костарика немаат репродуктивна поврзаност со претходно познатите видови. Сепак, тие покажуваат сличности со примероци забележани во близина на Перу и Чиле, па ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали станува збор за ист вид.
Научниците сметаат дека новооткриениот вид веројатно е распространет долж пацифичкиот брег на Централна и Јужна Америка.
Досега биле познати три вида „ајкула дух“, регистрирани во водите кај Јужна Африка, Тајван, Австралија, Јапонија и во Атлантскиот Океан, помеѓу Гренланд и Бразил.
Химерите се блиски сродници на ајкулите и ражите, но имаат ’рскавичен, наместо коскен, скелет. Најчесто се хранат со ракови и други школкари, а живеат на длабочини до околу 2.600 метри. Иако се сродни со ајкулите, од нив еволутивно се одвоиле пред речиси 400 милиони години.