На барање на три фирми, Основниот суд во Штип отвори стечајна постапка за штипски Бетон. Трите фирми кои доставија барање за покренување на стечајна постапка за компанијата Бетон побарауваат вкупно 76.760.000 денари или над 1. 233.000 евра. Но листата на доверители веројатно ќе биде подолга бидејќи во рок од 15 дена своите побарувања треба да ги пријават сите компании на кои им должи Бетон. Стечајниот управник Драги Димовски сега ќе мора да направи и попис на имотот со кој располага компанијата, но и листа на оние што имаат неподмирени обврски кон Бетон.
Вкупната заработка на Бетон од седумте објекти на проектот Скопје 2014 изнесуваше 55 милиони евра. Оваа фирма за јавноста беше интересна и по тоа што во сопственичката структура се споменуваа и познати бизнисмени и политичари, а нејзиното име се слушаше и во бомбите, кои се најдоа во доказните материјали на Специјалното јавно обвинителство.