По долгогодишна работа во угостителството и, како што вели, „ужасно“ откритие, една хотелска работничка сподели клучни совети за тоа што гостите треба да проверат веднаш штом ќе влезат во хотелската соба.
Иако удобниот кревет на прв поглед делува примамливо, Натали Бруксон предупредува дека со неколку едноставни проверки однапред можат да се избегнат непријатни изненадувања.
Натали Бруксон, 37-годишна хотелска работничка, вели дека ја запрепастило сознанието колку малку внимание се посветува на контролата на стеници. Според неа, во хотелскиот ланец за кој работела инспекциите се спроведувале во само 10 проценти од собите.
„Ако мислевте дека хотелските соби често се проверуваат поради тие мали напасти, се лажете“, изјавила за магазинот Woman’s Own, повикувајќи ги гостите сами темелно да ја прегледаат собата пред да се распакуваат. За да се забележат стеници, советува внимателно да се прегледаат шевовите и копчињата на душекот бидејќи таму најчесто се кријат и положуваат јајца“, рекла и додала дека ситни дамки од крв на чаршафите исто така можат да бидат знак за нивно присуство.
„Генерално се препорачува да се проверат тесни и скриени места како шевови и етикети на душекот, споеви на рамката на креветот, предната и задната страна на потпирачот, просторот зад ноќните масички, пукнатини во ѕидовите или лајсните, како и области околу приклучници и рамки за слики. Исто така може да се почувствува и сладок, мувлосан мирис, сличен на мирис на влажни крпи.“
Освен стениците, Натали истакнува дека постои уште една клучна проверка која никогаш не ја прескокнува.
„Откако на душекот ќе видите облик на тело што покажува колку претходниот гостин се потел, сфаќате дека никогаш не треба да спиете во хотелски кревет без наддушек. Тоа е втората проверка што секогаш ја правам“, додала.
Хотелската работничка ги советува гостите „добро да размислат“ пред да легнат на декоративните перници. Тврди дека, иако можат да изгледаат чисто, не се сеќава дека некогаш биле испрани. Истото важи и за чашите во собата, а Натали им препорачува на гостите да ги измијат пред употреба.
Ако се сомневате дека од одмор сте донеле стеници, Мартин Сил, директор на компанијата MattressNextDay, има совети за брза реакција.
„Ако верувате дека сте донеле стеници дома, важно е веднаш да се справите со проблемот“, рекол. „Тие мали, сплескани инсекти слични на семки се хранат со човечка крв, оставаат каснувања што чешаат и можат да предизвикаат алергиски реакции.“
Сил објаснува дека многумина не се свесни дека стениците можат да преживеат и до една година без хранење, поради што една единка лесно може да се претвори во сериозна инфестација. Додал дека женките стеници можат да положат меѓу 200 и 500 јајца во текот на два месеци, во групи од 10 до 50, што значи дека можат да се шират многу побрзо отколку што се очекува.
„Самите јајца се лепливи и можат да се залепат за мебел, облека и други предмети, со што понатаму се шират“, појаснил.
За да се спречи тоа, препорачува багажот да се држи подалеку од креветот и, каде што е можно, работите да се оставаат во фиоки. Мартин исто така им советува на патниците да понесат посебна кеса за валкана облека и да ја држат добро затворена.