Охридскиот рамковен договор, со кој во 2001 година беше прекинат вооружениот конфликт во Македонија, претставува еден од клучните политички документи во поновата историја на државата. Потпишан е точно пред 24 години на денешен ден, во претседателската резиденција на Водно од тогашниот претседател Борис Трајковски, премиерот Љубчо Георгиевски, лидерите Бранко Црвенковски, Имер Имери и Арбен Џафери, како и од специјалните претставници на Европската унија и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Преговорите што му претходеа започнаа во Скопје, а продолжија во Охрид, со вклучување на бројни советници и експерти.
Од неговото спроведување досега се донесени повеќе од 130 закони и измени, од кои најголем дел – 59 се поврзани со недискриминација и правична застапеност, а 40 со идентитет, култура, образование и децентрализација. За таа цел беше формиран Секретаријат за спроведување на договорот, кој во 2019 година прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во документот меѓу основните принципи стои:
„Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.“
Договорот опфаќа прекин на непријателствата, децентрализација, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и мерки за имплементација, а е дополнет со три анекси: А – уставни амандмани, Б – измени во законодавството и Ц – мерки за градење доверба и завршни одредби.